Пакомак објави конкурс за најеколошки градоначалник и општина

Пакомак објави конкурс за избор на најеколошки градоначалник и општина за 2018 година. Изборот ќе се изврши во јануари 2019 година, а право на учество имаат сите општини во земјава, урбани и рурални.

Критериумите што треба да ги исполни најеколошкиот градоначалник се објавени на веб – страницата www.pakomak.com.mk , а голем дел се однесуваат на собраните количини на селектиран отпад од пакување, собраните колични стаклена амбалажа, висина на средствата во општинскиот буџет наменети за еколошки проекти, како и веќе реализирани проекти поврзани за одржливо живеење.

„Нашата цел е да изразиме поддршка и почит кон оние позитивни примери помеѓу градоначалниците кои во својата општина им даваат предност на еколошките проекти, ги планираат и реализираат. За нас секое најмало вложување и постапување во насока на заштита на животната средина значи голем чекор напред кон еколошките реформи што треба да и се случат на нашата земја, но пред сé во секоја општина поединечно“ – вели Филип Ивановски, извршен директор во Пакомак.

Пријавувањето на учеството на конкурсот може да се направи до 31 декември 2018 година до 23.59 часот. Пријавата треба да се достави во електронска форма на е-пошта: i.brdaroski@pakomak.com.mk. Формата за пријавување може да се преземе од веб-страницата на „Пакомак“ www.pakomak.com.mk .

Компанијата „Пакомак“ на најеколошката општина и градоначалник ќе им додели модерно детско игралиште направено од еколошки материјали. Игралиштето ќе биде поставено на локација во општината што ќе биде договорена во соработка со општинските власти.