Пак ли ќе „дивеат“ трговците со цените? Утре завршува евтината есенска кошница

Цените на храната од „есенската кошничка“ ќе важат уште утре, односно заклучно со 31.октомври. Дали потоа трговците повторно ќе ги „вивнат“ цените не се знае. 

„Очекувам заедно со коморите и со трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање“, изјави деновиве премиерот Христијан Мицкоски

Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека на сила е и Законот за нефер трговски практики со кој се ограничуваат рабатот и дополнителните трошоци за над 2.500 прехранбени производи, од што се очекува дополнително намалување на цените на храната до крајот на овој месец. 

Во меѓувреме, има надеж за граѓаните. Односно може да ја чекаат следната евтина кошница со храна.  

Владата најави дека мерката есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе се применува како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница со ограничено време на траење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.