„Пајакот“ кренал голем број непрописно паркирани возила

Во текот на изминатата недела (22.7-28.7.2021 година) со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 167 возила од јавните површини. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 19 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 148 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице, информираат од Град Скопје.

Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 292 возилa, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 19 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Тие апелираат и сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка.