Пад на каматите на кредитите

Во февруари годинава, каматната стапка на вкупните кредити забележа минимален месечен пад од 0,1 п.п. и изнесува 6,1%, додека каматната стапка на вкупните депозити се задржа на нивото од 1,7%, без промени во однос на претходниот месец, покажуват најновите податоци на Народната банка. 

 

„Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити овој месец изнесува 5,4%, што во споредба со јануари претставува значително месечно намалување од 0,5 п.п.. Каматната стапка на новопримените депозити и натаму е непроменета, на нивото од 1,6%. Каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор, во февруари, изнесува 5,7% и во однос на претходниот месец е намалена за 0,1 п.п.. 

 Оваа стапка бележи тенденција на опаѓање, при што на годишна основа е пониска за 0,6 п.п.“, соопшти НБРМ. Оттаму додаваат дека во текот на февруари, банките и штедилниците одобрувале нови кредити на корпоративниот сектор по просечна стапка од 5,1%, што упатува на значителна надолна месечна промена од 0,8 п.п.. 

Притоа, месечното намалување главно произлегува од намалените каматни стапки на денарските кредити, без и со валутна клаузула (за 0,8 и 0,4 п.п., соодветно), во услови на раст на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,5 п.п.). 

Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на домаќинствата овој месец изнесува 6,6%, без промени од ноември 2016 година. Во споредба со февруари претходната година, стапката е пониска за 0,2 п.п..Просечната каматна стапка за новите кредити на домаќинствата се задржа на јануарското ниво од 5,9%.