
Пациентите кои се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија повторно се соочуваат со сериозни проблеми и неизвесност поради недостиг на повеќе видови клучни терапии. Според реакциите и сведоштвата на заболените, подолг период на клиниката ја нема потребната терапија, поради што дел од нив веќе со недели чекаат информација кога лековите повторно ќе бидат достапни.
Засегнатите граѓани истакнуваат дека во моментов недостигаат најмалку четири значајни препарати, меѓу кои „рибоциклиб“, „фулвестрант“, „капецитабин“ и „пазопаниб“, а за некои од нив прекинот и доцнењето траат со месеци.
Загрижените пациенти нагласуваат дека прекинот во примањето на пропишаните лекови директно ја загрозува нивната здравствена состојба и го зголемува ризикот од компликации. Особено е критична состојбата со лекот „капецитабин“, кој е од витално значење за пациентите што се борат со рак на дебелото црево.
Од Клиниката за онкологија постојано им давале усни уверувања дека испораките ќе пристигнат од недела во недела, но додека деновите поминуваат, најзагрозените категории граѓани остануваат без терапија и без конкретна институционална одговорност.
Директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, ги потврди информациите дека ги нема соодветните препарати, но одговорноста за застојот ја префрли врз фармацевтските компании односно дистрибутерите.
Тој појасни дека сите нарачки од страна на клиниката биле навремено поставени, а до дистрибутерите веќе биле испратени официјални опомени за можните последици од ненавремената испорака. Според неговите најави, лекот „капецитабин“ се очекува да пристигне набрзо, додека останатите препарати треба да бидат доставени во текот на следната недела, иако кај пациентите и понатаму преовладува огромна загриженост поради секојдневната неизвесност.