Паблишер ја збогатува домашната книжевност негувајќи го македонскиот збор

Македонската книжевна сцена е како неисцрпен рудник. Со секоја нова книга на површината се изнесуваат нови богатства. Паблишер секогаш се грижи да ги препознае ваквите книжевни богатства и да ги донесе до рацете и срцата на македонските читатели во што е можно поквалитетна форма.

Во последните месеци под логото на Паблишер од печат излегоа пет нови несекојдневни наслови. „Капе времето“ и „Место за бегство“ – две збирки поезија од докажаните поетеси Виолета Танчева-Златева и Вања Изова Велева, еден роман за животот од истакнатиот автор и преведувач Ивица Челиковиќ со наслов „Ден за одмазда“, збирката драми под наслов „Страв“, што е првенче на младиот автор Стефан Миленков, и дебитантскиот  научнофантастичен роман „Овириум“ на Агрон Усеини.

Виолета Танчева-Златева и Вања Изова Велева се веќе препознатливи по својот авторски израз, особено по лиричноста на стихот и неконвенционалните метафори, а Ивица Челиковиќ по современите приказни за универзалните проблеми на човекот. Стефан Миленков храбро и на неповторлив начин го најавува својот влез во книжевноста преку прекрасни, современи и мудри драми податливи за театарската сцена, а Агрон Усеини уште на прва страница освојува со невообичаената фабула и нарација.

Паблишер ја има освоено довербата на читателите. Тие често се обраќаат до книжарниците на ТРИ кога се во потрага по квалитетна домашна литература. Гореспоменатите творби се доказ дека може да им се верува. Ниту едно од овие жанровски различни дела нема да го разочара читателот гладен за македонскиот збор.

Секоја нова книга од домашните автори носи обновување на животот на македонската книжевност. Само така се одржува и збогатува зборот – користејќи го за квалитетни и етички издржани дела.