Овошјето и зеленчукот што се продаваат на пазарот мора да се прскаат со пестициди, велат производителите

Земјоделците се согласни дека се користат пестициди , но никој не може да каже во колкава мера и дали се запазуваат роковите овошјето и зеленчукот да не се продаваат веднаш по нивно третирање со пестициди.

Тие велат дека највеќе се прскаат јаболката. На пазар речиси и да не можете да најдете здрави јаболка кои не се прскани, ако сакате да јадете здрави јаболка тогаш купете си од тие со "дупчиња".

- Сега климата е сменета, затоа овошјето и зеленчукот мора да се прска за да успее. Порано нашите баби не прскале си произведувале се во бавчите и се било природно, а сега не е така. Јас и покрај тоа што имам тезга и продавам зеленчук на пазар се плашам да купам од пазар бидејќи знам што се се користи, вели една продавачка на тезга.

Индивидуалните земјоделски производители велат дека не им се исплати за толку мало производство да користат пестициди, бидејќи се многу скапи.

- Ние користиме природни препарати кои ги користеле нашите баби и прабаби. Така кога се сади лук се става пепел во браздите против мравки, а со вода од коприва се прскаат дрвцата и зеленчукот против пепелница, вели земјоделска од Скопско, која има тезга на Зелен пазар.

Има и такви кои велат дека ве лажат оние кои велат дека не користат. Сите користат пестициди, меѓутоа некои повеќе, некои помалку.

- Без ништо не бидува и покрај тоа што користиме вештачко ѓубриво, кромидот и лукот ги прскаме со „децис". Доматите и пиперките се прскаат пред да заврзат со цинеб, зелен камен или креч. Исто и зелката се прска со пестициди до трето ливче, односно додека не заврзе, вели една земјоделка од скопското село Горно Лисиче.

Оние упатените велат дека ако на пестицидот пишува дека 10 дена не треба да се користи земјоделскиот производ по прскањето со пестицидите тогаш тој рок треба да се почитува. Проблемот е уште поголем бидејќи некои од земјоделците прават нестручни комбинација и вештачки ги предозираат растенијата со хемиски супстанции што е на нивна штета заради поголемите трошоци, но и на штета на здравјето на крајните корисници.