Овошен сок кој не содржи овошје - што се продава во нашите маркети?

Во македонските маркети и продавници многу често може да се сретнат прехранбени производи за кои се тврди дека можат да излекуваат болни лица или да ја подобрат нивната состојба или да излекуваат одредена дисфункционалност или малформацијата иако нема научни докази за таквите перформанси, велат од Агенција за храна и ветеринарство.

Дополнително, на амбалажата на производите ноншалатно се впишуваат ознаки со кои потрошувачите се доведуваат до заблуда. Така на пример сончогледово масло се продава со ознака „Без холестерол“ иако сончогледовото масло е од растително потекло и како такво не содржи холестерол.

На производот стои податок: „содржи дозволени адитиви“, а не се наведени адитивите содржани во производот.

Постојат случаи каде производот е деклариран како овошен сок, а податокот за содржина на овошје покажува дека не содржи доволно количество овошје за да биде овошен сок

Во согласност со Законот за безбедност на храната, забрането е означување и рекламирање храна со податоци кои сугерираат лековити својства поврзани со превенција или лекување заболувања, потенцирање специфични својства на храната кои се слични со друга храна со ист квалитет, како и употреба на слики, цртежи, знаци и текстови што би можеле потрошувачот да го доведат во заблуда во поглед на идентитетот на производот, потеклото, составот, својствата, намената и дејството на производот.

Преку означувањето на храната, потрошувачите добиваат клучни информации за нејзините карактеристики. Деталното означување на прехранбениот производ ги содржи информациите за неговата природа и неговите карактеристики, овозможувајќи им на потрошувачите да го направат вистинскиот избор при купувањето.