Овој Божиќ нема да посакам ништо...

Почна јануари. Светат сите божиќни и новогодишни светилки. Купи ова, купи она, сакај ова, сакај она, троши, троши, троши...

Хозе Мухика, најскромниот претседател на светот, вели: „Самите создадовме планини од излишни потреби. Купуваме ново, го отфрлуваме старото. Тоа е трошење на нашите животи. Кога нешто купуваме, ние тоа не го плаќаме со пари. Го плаќаме со часовите од нашиот живот кои сме ги потрошиле заработувајќи ги тие пари. Разликата е во тоа што животот е единствената работа која не може да се купи со пари. Животот станува сѐ пократок. И жално е кога човек така лесно си го крати животот и слободата.“

Овој Божиќ не сакам да добијам ништо. Не сакам облека, телефон, парфеми, накит и скапи вечери. Не сакам ни излегувања, патувања, супер плата, ниту да добијам на лото. Не ми треба ништо. Сакам само моето семејство да биде заедно, баш тој ден никој да не зјапа во телефонот, да не пишувам на лап-топот и да не размислуваме за пари и работа. Сакам на мето дете да му ја пренесам вештината на живеењето, а на трошењето на животот. Сакам да повлечам јасна граница и да го научам моето дете на вистинските вредности.

Јас работам околу 10 часа дневно. Моето дете е во градинка од 8 до 9 часа дневно. Често тие периоди не се преклопуваат, па мојата ќеркичка ја гледам само попатно.

„Мамо, не си на работа денес?“ – со тоа прашање и бескрајна надеж во гласот почнуваат и завршуваат сите наши денови.

„Најмило мое, мама мора да работи денес...“

„Ама зоштоо? Играј си со мене...“

И така на мама ѝ се крши срцето, одново и одново, секој Божји ден.

Секако дека мама мора да работи, но нешто е навистина расипано во овој свет кога мама не може да го види своето дете заради работата, кога девет часа дневно ја воспитуваат воспитувачките во градинка, а мама и тато само четири часа, кога своето дете мораш да го ставиш на второ место, зад шефот, телефонот, лап-топот.

Мојата ќеркичка неодамна го прослави својот трет роденден. Во тој период јас работев 11 денови без слободен ден, по 9 часа дневно. Две работи. За да заработам пари кои се некаде на висина на просечна плата, за да платам рата за кредит за нашиот мал стан, да уплатам за градинка, да платам сметки и да купам храна – она најосновното, а не некакви луксузни работи.

Ми велат да бидам среќна, барем имам работа. Ми велат: „Знаеш ли колку луѓе немаат работа? Не се жали, мора да се работи. Твојата генерација е разгалена, би сакале парите да ви паднат од небо. Како живеевме ние некогаш, на вас сега ви е супер.“ И така, сѐ и сешто ми кажуваат.

Јас велам дека ништо не е вечно и ова ќе пројде. Но, ако мораме да извлечеме некаква поука на потешкиот начин, тогаш од ова, најдрага моја, сакам да ја извлечеш следната поука: Никогаш немој да се споредуваш со никого. Кога ти е тешко, никогаш не ги гледај другите околу тебе и никогаш не дозволувај да помислиш: „Алал да им е на нив, види што сѐ имаат...“ Никогаш не можеш да знаеш низ што минале, како им било и што ги чека. Сите сме на истиот рингишпил на животот, тргнуваме и се враќаме на истата стартна позиција. За некои луѓе возењето ќе биде потешко, за некого полесно, но никој нема да се провлече без малку страв и треперење.

Малечка моја, нема да се споредуваме со никого. И нема да дозволиме парите да ни го крадат времето и животот. Ќе најдеме начин.

За овој Божиќ, сакам да бидеме сите заедно и во што поголем број...