Овие 8 тивки симптоми на рак луѓето најчесто не ги препознаваат

Луѓето често ги игнорираат симптомите на малигни болести сè додека болеста не напредува, а токму раната дијагноза е најдобриот адут за лекување. Откријте ги раните и подмолни симптоми на рак.

Минливите проблеми со здравјето не треба премногу да ве загрижуваат, но ако симптомите не поминуваат ниту после три до четири недели, задолжително посетете лекар и ослободете се од сомнежите.

Губење на тежината 

Повеќето пациенти болни од рак после поставената дијагноза дополнително забележуваат дека драстично ослабеле, но не му придавале голема важност на тоа. Губењето до 2 килограми не е загрижувачки, но сè повеќе од тоа без да ги промените своите навики во исхраната или без да вежбате е причина за одење на лекар.

Замор 

Доколку чувствувате секојдневно недостаток на енергија, со потешкотии станувате од кревет или заспивате во истата секунда откако сте легнале и покрај тоа што доволно спиете, треба да посетите лекар. Хроничниот замор е најчест симптом на преоптоварен имунитет. Иако причината за тоа не мора да биде малигниот процес, туку некоја друга хронична болест или нарушување на хормоните на тироидната жлезда, ако трае подолго од три недели, посетете лекар.

Постојана болка 

Болката е придружник на воспаленијата, но и на настанокот на цисти кои можат да бидат малигни. Без разлика дали се работи за постојана главоболка, болка во коските или абдоменот, болка која не поминува после две недели, може да биде предзнак за малигнен процес и треба да се утврди нејзиниот причинител.

Промени на кожата 

Кожата е најголемиот орган во човечкото тело, а освен необичните бемки или рани кои можат да претставуваат појава на меланом, кожата може да покаже и симптоми на други тумори. Обрнете внимание на постојаните темни кругови под очите, жолтило на кожата, лупење на кожата и посоветувајте се со лекар.

Проблеми со мокрењето и варењето на храната 

Постојаните дигестивни потешкотии во облик на дијареа, запек или чести столици во кобинација со подуеност или крварење се чест показател за рак во дигестивниот систем, но можат да упатуваат и на рак на простатата или јајниците.

Формирање на јазли 

Необјасниви јазли или појава на оток на кожата можат да бидат специфичен симптом на рак на дојката, тестисите или лимфните јазли.

Постојана треска 

Зголемена или упорна температура која се појавува без придружните симптоми на грип или настинка е знак за преглед, велат докторите. Треската е чест придружник на појавата на малигнен процес бидејќи настанува како резултат на активирање на одбрамбениот систем на организмот.

Постојана кашлица / болки во грлото 

Кашлицата која трае подолго од три недели без човек да боледува од болест од типот на астма, секако е причина за посета на лекар. Истражувањата покажуваат дека повеќе од 70% од случаите на рак на белите дробови започнале со постојана кашлица, додека повеќе од 90% од болните од рак на грлото и јазикот велат дека болката и иритацијата ги забележале со месеци пред да појдат на лекар.