Овие 5 движења на телото даваат впечаток дека сте потполно сигурни во себе

Самодовербата е клуч на секој успех, ви дава сила, енергија и мотивација. Кога зрачите со самодоверба, посебно во текот на јавен говор или на некој важен состанок, се зголемуваат шансите да ги постигнете саканите резултати. Во некои ситуации, дури и луѓето со голема самодоверба може да имаат трема и малку да ја изгубат контролата.

Во вакви случаи, од голема корист може да биде и говорот на телото кој ќе остави впечаток дека сте сигурни во себе, а ќе направи и вие сами да се чувствувате посамоуверено.

Овие 5 движења или положби на телото даваат впечаток дека сте потполно сигурни во себе:

  1. Контакт со очите – луѓето кои немаат контакт со очите со другите луѓе изгледаат исплашено, збунето и впечатокот за нив е дека ѝм е непријатно. Доколку воспоставите контакт со очите со соговорникот, ќе делувате искрено, посветено и одважно.
  2. Престанете да правите нервозни движења – грицкање нокти, пукање на прстите, нишање на столицата – сите овие знаци покажуваат дека сте загрижени. Доколку забележите дека го правите ова, вдишете длабоко, опуштете се, освестете ги движењата, а потоа престанете да ги повторувате за да делувате помалку нервозно.
  3. Насмевка – кога на лицето имате насмевка, веднаш делувате поотворено, зрачите со убава енергија и делувате подостапно. Наместо намрштено лице, насмевката покажува дека се чувствувате добро и дека имате поопуштено држење, а ќе ги опушти и другите и ќе ја подобри комуникацијата.
  4. Застанете исправено – не настапувајте со свиени рамена, подгрбавено, со спуштена глава, со погледот надолу или со несигурно клатење од една нога на друга. Нека ви стане навика свесно да ги држите рамената зафрлени наназад и да стоите  исправено, со што ќе делувате стабилно и полни со самодоверба.
  5. Поправете го гласот – секогаш е важно она што го зборувате. Нејасно тивко зборување (мрмлање), брзо зборување или повторување „узречици“ можат да бидат показател дека сте исплашени и несигурни. Зборувајте полека и сигурно, не се плашете да направите пауза кога ќе се збуните, размислете и продолжете понатаму. Во вашиот глас може да се слушне колку верувате во она што го зборувате, нека ви биде јасно.