Град Скопје вчеравечер го отстрани незаконски поставениот споменик на Андон Лазов Јанев – Ќосето пред судскиот комплекс. Во Скопје нема да се толерира незаконитоста и недозволеното постапување. Започнува справувањето со проектот „Скопје 2014“.

Градоначалникот Шилегов најави дека засаденото дрво ќе биде посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг на која ќе биде испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации во кој стои:

 „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

Посаденото дрво ќе биде дел од вкупната набавка за разеленување на главниот град, а само тој садник се очекува да чини околку 5000 денари. Со планираната акција за разеленување на град Скопје, предвидени се буџетски средства за набавка на околу 10 000 дрвја од различен вид, коишто ќе бидат садници постари од 6 години и не пониски од 3 и пол метри, а истите ќе бидат и мапирани.