Оваа недела Брзата помош ќе ги добие новите 12 возила

До 11 април, Министерството за здравство ќе ги прими, а потоа и ќе ги распредели сите 12 нови возила за итна помош, за кои потпиша договор во декември со компанијата „Аутомотив Груп“, која победи на тендерот, пренесува „Мета“.

„Возилата пристигнуваат по две, а до 11 април веруваме дека ќе пристигнат сите”, објаснуваат од Кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

Во тек е изработката на физибилити студија за службата за Итна помош во земјава, односно за нејзино функционирање по принцип на јавно-приватно партнерство. Иако на 29 март истече рокот од 60 дена таа да биде изработена од ангажираната компанија “БАСМЕ-КТ“, како што известија од кабинетот на Филипче, таа сè уште не е завршена.

– Физибилити студијата е во фаза на изработка, а по завршувањето таа ќе биде презентирана во јавноста. За изработката на предметната физибилити студија произлезе дека е потребно повеќе време од предвиденото во тендерската документација, и поради тоа е потпишан анекс на договорот во однос на рокот, со цел да се добијат точни податоци за фактичката состојба. Поконкретно, физибилити студијата е предвидено да даде осврт на фактичката состојба, правните и економските аспекти, предлог модели за подобрување на состојбите, предлог одлука за почнување постапка, основни постулати на тендерска документација и предлог модел на договор, како и заклучни согледувања – велат од кабинетот на министерот Филипче.