Оваа грешка во автомобилот може да ве чини живот

Неодговорноста и несовесното однесување во текот на возењето и понатака е една од главните причини за сообраќајни незгоди на патиштата во кои за жал има и жртви. Покрај брзото возење, возењето под дејство на алкохол, зборување на мобилен додека управуваат со возилото, избегнувањето на врзување појас исто така има удел во бројот на жртви.

Многу пати ќе слушнеме, „да носеше појас ќе останеше жив“ , но ниту оваа реченица не може да убеди голем дел од возачите дека врзувањето појас е важен фактор за сите оние кои се наоѓаат во возилото. Во европските земји врзувањето појас е задолжително и за лицата кои се превезуваат и на задните седиште, а секако граѓаните ги почитуваат законски одредби и свесни се дека на тој начин се побезбедни додека се во сообраќај.

Спротивно на ова, нашите возачи и покрај задолжителното врзување на појас, голем дел од нив речиси и да не користат, што само по себе го дава одговорот дека поголемиот дел од возачите ниту стравуваат за сопствениот живот, а не ги плашат ниту паричните казни. Новите возила сигнализираат за појас веднаш штом возачот и сопатникот седнат на седиштето, но интересно е тоа што нашите возачи и нивните сопатници секогаш наоѓаат начин да го исклучат алармот , а притоа  да не го носат појасот. Тие употребуваат трикови така што го врзуваат појасот, но потоа го префрлаат зад себе, правдајќи се дека појасот им пречи додека го управуваат возилото, а ниту за момент не помислуваат дека појасот може да им игра клучна улога во одредени несакани ситуации кога се наоѓаат во сообраќајот.

Упорните наоѓаат и други начини за да избегнат појасот, па од неодамна на пазорот се појави и таканаречен стопер за појаси, а возачите го користат на тој начин што го олабавуваат појасот заради удобност во возењето. На тој начин појасот не може да ги заштити доколку се случи сообраќајна незгода, туку возачите единствено можат да ја избегнат паричната казна, од која најмногу стравуваат.

Тие што се решени да не ставаат појас, можат и против новите возила кои даваат звучен сигнал за ставање на појас, па така постои дел кој се става во место каде што треба да биде ставен појасот и на тој начин звучниот сигнал го снемува.

За овој проблем ги контактиравме и надлежните од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои истакнаа дека се запознаени со сите начини кои ги користат возачите за да го избегнат врзувањето на појасот.

-Запознаени сме со сите трикови кои ги користат возачите во сообраќајот, па и за триковите за врзувањето на појас. Загрижувачки е тоа што возачите не се свесни дека појасот е поставен за да ги заштити токму нив во случај на сообраќајна незгода, а многупати сме слушнале дека појасот го спасил возачот и благодарение на тоа што бил совесен и го врзал појасот останал жив. Упатуваме апел за одговорност во сообраќајот, до возачите, но и до сопатниците да го врзуваат појасот кога се наоѓаат во возилото, да ја сфатат сериозноста на појасот, дека тој е поставен за да ги заштити нив и да ги намали последиците во случај на сообраќајна незгода, апелираат од РСБСП.