Ова се новите правила за патување во ЕУ, кои ќе важат од следниот месец

Според усвоените нови препораки на Советот на ЕУ вакцинација, тестирање или статус на закрепнување од Ковид-19, како што е потврдено со важечкиот дигитален сертификат на ЕУ за КОВИД, треба да бидат клучни детерминанти на патувањето. Сепак, регулирањето е оставено на секоја држава, односно ако тамошните законодавни тела одлучат, можат да променат некоја од овие препораки или да воведат дополнителни, според епидемиолошката состојба.

Поради тоа, се препорачува да се применат мерки против корона вирусот земајќи го предвид индивидуалниот статус наместо состојбата на регионално ниво, со исклучок на областите каде што вирусот циркулира на многу високо ниво, пренесува Н1.

Советот на ЕУ усвои препорака за „координиран пристап“ за да се овозможи безбедно движење за време на пандемијата Ковид-19.

„Ова значи дека вакцинацијата, тестирањето или статусот на закрепнување од Ковид-19, како што е потврдено со важечкиот дигитален сертификат на ЕУ за ковид, треба да бидат клучна одредница. Пристапот заснован на личноста значително ќе ги поедностави правилата и ќе обезбеди дополнителна јасност и предвидливост за патниците“, рече Советот.

Како што е наведено, оваа препорака ќе стапи на сила на 1 февруари 2022 година, од кога рокот на важност на сертификатот за ковид ќе се ограничи на 270 дена.

Валиден дигитален сертификат за ковид вклучува:

Сертификат за вакцинација со вакцина одобрена на европско ниво доколку поминале најмалку 14 дена и не повеќе од 270 дена од последната доза од примарната серија на вакцинација или ако лицето примило засилена доза.

„Земјите-членки, исто така, би можеле да прифатат сертификати за вакцинација со вакцини одобрени од националните власти или СЗО“, се вели во препораките на Советот.

Негативен резултат од ПЦР тест добиен не повеќе од 72 часа пред патувањето или негативен брз антигенски тест добиен не повеќе од 24 часа пред патувањето.

Потврда за закрепнување што покажува дека не поминале повеќе од 180 дена од датумот на првиот позитивен резултат од тестот.

Од лицата кои немаат дигитален ЕУ-сертификат за ковид може да се бара да се подложат на тест пред или најдоцна 24 часа по пристигнувањето. Децата под 12-годишна возраст, како и патниците со суштинска причина за патување, се изземени од ова правило.

Како што беше речено, ЕУ ќе продолжи да ја оценува состојбата во регионите, а таканаречениот механизам е задржан. Препораките на Советот не се правно обврзувачки, така што органите на земјите-членки треба да одлучат за нивната имплементација.