Ова писмо од една руска поетеса задолжително треба да им го прочитате на вашите деца

Марија Иванова Цветаева била руска поетеса. „Поуки за децата“ е текст кој го напишала во зимата 1937/38 година. Овој текст е во форма на писмо и требал да излезе во емигрантски часопис за деца, кој за жал никогаш не излегол. 

Поуки за децата

„Драги деца,

За вас никогаш не размислувам одвоени: секогаш мислам дека вие сте луѓе или нелуѓе, исто како и ние. Но, велат: Вие постоите, вие сте посебен вид кој сѐ уште е подложен на внимание.

Па затоа:

  • Никогаш залудно немојте да истурате вода, затоа што во истата таа секунда, во светот умира некој човек поради недостаток на вода.

  • Но, ако јас не ја истурам, тој секако нема да ја добие таа вода!

  • Нема да ја добие, но на светот ќе има еден бесмислен злочин помалку.

Од истата таа причина, никогаш немојте да фрлате леб, а ако го видите на улица, за да не го газат луѓето, кренете го и ставете го на најблиската ограда, затоа што на светот има луѓе кои не само што умираат од жед, туку и од глад. Можеби тој леб ќе го забележи некој гладен, па ќе му биде помалку срам за да го земе оттаму отколку од земја. 

Никогаш не се плашете од смешни работи и ако видите човек во смешна ситуација: 1) Потрудете се да го извлечете, а ако не успее тоа; 2) Скокнете и придружете му се, кога сте двајца, глупата ситуација се дели на половина: секому по една половинка. Или во најлош случај, правете се дека нема ништо смешно во тоа.

Никогаш немојте да зборувате дека сите го прават тоа: сите секогаш прават лоши работи, штом така ревносно се повикуваат на тоа. Сите имаат друго име – никој, а воопшто немаат име – само празнина. А ако ви велат: „Тоа не го прави никој“ (не се облекува, не размислува, итн.) – одговорете: „А јас сум некој!“ Не обрнувајте внимание на „немодерно“, туку на „нечесно“.

Немојте премногу да се лутите на родителите, сетете се дека тие биле она што сте вие сега и дека и вие ќе бидете она што тие се сега. Освен тоа, тие за вас се родители, а тие сами за себе се „јас“. Не ги исцрпувајте со нивното родителство. Не ги осудувајте родителите на смрт пред (своите) 40-ти години. 

Ако на вашиот пат најдете камен: земете го и замислете дека токму вие трчате, се сопнувате од него и го кршите носот. Од сочувство (дури и кон самите себеси) земете го. Не се воздржувајте да го отстапите своето место на постарите кога се возите во трамвај. Воздржувајте се да не го направите тоа!

Не се истакнувајте се по она што е материјално. Другите, тоа сте и вие, се баш како и вас. Сите, без исклучок, сакаат да јадат, спијат, седат, итн.)

Не славете победа над непријателот. Доволно е сознанието. После победата – подадете ја раката.

Не зборувајте иронично за некој ваш близок пред другите. Другите ќе си отидат – вашите ќе останат.

Книгите листајте ги од горниот агол на страницата. Зошто? Затоа што не се чита оддолу нагоре, туку обратно. 

Кога сте при крај со јадење супа, навалете ја чинијата кон вас, а не од себе кон другите: во случај на незгода да не истурите на масата или врз некој друг, туку врз себе.

Кога некој ќе ви каже: „Тоа е романтизам“, запрашајте се: „Што е романтизам?“ – и ќе видите дека никој не знае што е тоа: дека луѓето го ставаат тој збор во уста, а всушност не ни знаат што значи. 

Кога конечно ќе се уверите дека не знаат, одговорете сами, со бесмртните зборови на Жуковски:

„Романтизам – тоа е душа.“

Писмото е испечатено во книгата „Борис Пастернак“ на Димитрија Биков