Ова ми е последен распуст во Скопје, ги оставам другарите, маалото, собата – заминуваме со мама и тато во Германија

Секој ден по едно семејство си заминува од Македонија. По потрагата за подобар живот, многу семејства се одлучуваат да и свртат грб на татковината и на родното огниште и да заминат далеку од туку.

Тешко им е на возрасните, уште потешко на децата. Најтешко на они кои остануваат тука и кои ќе ги чекаат да ги видат на скајп или пак кога ќе дојдат едвај еднаш во текот на годината.

Никола и Милена се близнаци. Тие сега во јуни завршија деветто одделение во Скопје. Од септември, своето понатамошно образование нема да го продолжат во Македонија. Заминуваат во Германија. Таму им се родители. Најпрвин, пред пет години заминал татко им, пред две години заминала и мајка им. Тие тука останале да живеат со баба и дедо. Сега заминуваат и тие.

-Ни беше тешко и тогаш кога седевме само со баба и дедо. Мама и тато доаѓаа на по неколку месеци, и седеа тука по десеттина дена. Толку имаа слободни денови од работа. Сега ќе ни биде уште потешко. Тука ми се другарите. Тука ми е симпатијата. Тука се моите улици. Мојата соба, моето царство... Се заминува во историја. Сакам да мислам дека ќе одам сега, ама дека пак некогаш ќе се вратам. Но, кога ќе размислам поубаво, дека сето тоа е невозможно, многу ми е болно... Не чека еден нов свет, еден нов живот. Нови другари. Нова соба, нови улици... Не сакам, но мене никој не ме прашува, раскажува Никола.