Ова е масакр на воспитно-образовниот систем и семејството - двете јадра за здрава нација, вели Алексиќ

Професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ Татјана Алексиќ со освестувачки став за актуелното прашање за децата, по случајот во соседна Србија. 

-Ова е масакр на воспитно-образовниот систем и семејството - двете јадра за здрава нација, вели таа во објавата која ви ја пренесуваме во целост: 

„This is Not America..." Сепак ни се случи и Америка и Колумбија и Bowling for Columbine (документарецот на Мајкл Мур за најмладиот злосторник на свет)...За (на) Запад ништо ново, но за овие топлокрвни јужни краишта, крајно поразително...Не бевме ние пример за агресии, педофилија, силувања, дилерства , убиства и самоубиства...Слушавме дека им се случува на другите, гедавме странски филмови со хорор теми и ги доживувавме како нестварни. Но стварноста нѐ уби, ова е масакр на воспитно-образовниот систем и семејството - двете јадра за здрава нација! Ова се само последици од многу системски причини на транзицискиот период, кој трае веќе три децении - најпродуктивните години за еден потенцијален семеен човек... Детето пукаше во сите нас и ја уби иднината, своја, нивна, наша, сечија...Ја дотепа иднината, оти системот со години наназад им ја одзема на децата лиценцата за право на нормален живот. Неразликувањето на реалниот од виртуелниот свет, на доброто од зло, на закон од безаконие, на добро воспитување од имитација, на образовен систем од импровизација, нѐ стасува... Оценките се релативизираат, купуваат и продаваат, не треба да бидат ни причина ни последица, а најмалку повод за гнев. Оној кој има пиштол дома, домот кога -тогаш ќе му се окрвави. Оној, кој макар еднаш намуртено погледнал во дете, детето ќе ја памети намуртеноста како долготрајна траума.Агресија раѓа агресија, исто како што добрината сее добрина... Ете толку ни се суптилни децата.