Маџир маало се смета за едно од најстарите маала во Скопје.

Убавината на старо Скопје е многу добро позната. Неговата тогашна автентичност била испреплетена во маалата низ градот. Едно од нив е Маџир маало кое се наоѓа на десната страна на реката Вардар.

Името го има добиено од муслиманските доселеници во Македонија кои биле наречени Мухаџири или Маџири. Во 1873 година била изградена железничката линија Солун – Митровица и тоа бил периодот кога почнале доаѓаат доселеници. Нивните куќи биле во Бошњачкиот сокак.  Ова место го карактеризирале тесни и куси улици, по кои едвај можело да се помине со кочија. Имало неколку јавни чешми, иако во речиси секој двор имало по еден бунар. Во втората половина на 20 век, маалото станало познато по спортистите кои тренирале фудбал или ракомет. Една од најпознатите маџирмаалски игри е „фанта“ која била омилена активост на жителите.

Инаку во Маџир маало имало и староседелци како угледните фамилии Калајџиеви, Галиќ и Бајрам.

Фамилијата Калајџиеви,  Илија со синовите  Панче и Никола и нивните сопруги Костадинка и Даница, живееле во Маџир маало, а кога семејството се проширило, братот Панче си купил куќа на местото на денешната Соборна црква и се одделил. Животот  во семејството се одвивал по одреден распоред. Мажите секој ден освен во недела оделе на работа и се враќале доцна навечер. Жените се грижеле за децата и работата околу куќата, за што им помагале и девојки кои живееле со нив. За храната се грижеле жените, а ручекот на нивните сопрузи им го носеле во дуќанот. Материјалната состојба на семејството овозможувала  убав и богат живот.

Времето оставило траги во ова скопско маало, видливи во секоја улица и на секоја куќа. Но убавината е во тоа што денес, се уште можете да чекорите низ улиците во Маџир маало, да чекорите по спомените на едно поминато време кои носи убави спомени.