Ова е еден од најефикасните начини да откриете какво ви е здравјето

Еден од најефикасните начини да откриете какво ви е здравјето е анализа на столицата, при што не мислиме на лабораториски наод, туку на мал поглед по извршената нужда. Ваквиот увид може многу да ви открие доколку обрнете внимание на обликот, бојата и големината на столицата.

Проучете го нашиот мал водич кој ќе ви помогне на време да воведете промени и да го подобрите здравјето на целокупниот организам.

Облик на столицата

Нормалниот облик на столицата би требало да биде долгнавест, со делумно помека површина. Експертите истакнуваат дека секој ден би требало да имаме една до две столици со средна конзистенција.

Столицата во тврди парчиња најчесто е одраз на исхрана сиромашна со растителни влакна, а упатува на тоа дека столицата предолго останала задржана во дебелото црево. Затоа треба да го зголемите внесот на влакната кои ја подобруваат дигестијата.

Волуменозната, но грутчеста столица најчесто упатува на опстипација и дехидрација. Во овој случај, важно е исхраната да ја балансирате со растителни влакна и да ја зголемите телесната активност, како и внесот на течности.

Столицата во меки парчиња упатува на потреба за прочистување на цревата со течности и здрава исхрана, но ваквата зачестена столица се смета за блага дијареа и може да биде знак за болест на цревата.

Воденестата столица најмалку се задржува во цревата, односно пребрзо поминува низ дигестивниот тракт. Преретка е, презаситена со вода и нејзиниот симптом се нарекува дијареа. Доколку потрае подолго, потребен е лекарски преглед.

Боја на столицата

Бојата може да варира и е показател на бројни состојби и болести. Нормалната столица има кафеава боја заради составот од кој е сочинета: вода, бактерии, остатоци од цревни крвни клетки и несварливи материи, како што е целулозата, како и одредена количина на белковини и масти.

Црвената столица е загрижувачка бидејќи покажува присутност на крварење од долниот дел на дигестивниот тракт, заради хемороиди или дивертикулоза, но и сериозни состојби, како што е карцином на ректумот. Но, црвената столица може да биде последица и на консумација на храна со црвена боја, како на пример цвекло.

Зелената столица може да биде последица на излачување на жолчката која пребрзо минала низ дигестивниот тракт и не успеала да ја промени бојата во кафеава. Исто така, може да биде последица на Кронова болест, консумација на антибиотик, зеленчук со зелена боја или грозје.

Жолтата столица може да биде знак за пореметување на жолчната кесичка заради што доаѓа до неправилно излачување на жолчка. Показател е и на инфекција со паразит, па затоа доколку ваквата столица ви зачести, треба да го посетите лекарот и да направите лабораториска анализа.

Зачестеност и големина на столицата

Нормално е празнењето на цревата да се извршува еднаш до два пати дневно, без болка и пецкање.

Малата и тврда столица најчесто се јавува кога исрханата е сиромашна со влакна и предизвикува напрегнување за време на извршувањето на нужда. Исхраната богата со влакна, поголемиот внес на течности, како и косумирањето на пробиотици ќе ви ја омекне столицата и одењето по голема нужда.

Честата и ретка столица може да биде последица на интолеранција на одредени намирници, а може да биде предизвикана и од лекови кои не ги поднесувате, па затоа обрнете внимание на навиките и доколку ретката столица продолжи, посетете го лекарот.