Oтворeно шестото издание на „Џифони Македонија“

Со присуство на претседателот на „Џифони Експириенс“ од Италија, Пјеро Риналди, италијанскиот амбасадор во Република Македонија, Карло Ромео, претставници на Министерството за култура и Агенцијата за филм, како и голем број учесници од основните и редните училишта од 10 земји, синоќа во киното „Милениум“ беше отворено шестото издание на филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“.

На отворањето на фестивалот во име на организаторот „Планет-М“, Дарко Башески ги поздрави присутните гости и ги покани децата за време на фестивалските денови до 11 октомври да го слават филмот, радоста и пријателството, најавувајќи дека тоа е фестивал на младите луѓе и им го отстапи микрофонот на тројцата млади водители кои веќе гостувале на фестивалот „Џифони Експириенс“ во Италија.

Младите водители објаснија дека најголемата вредност на фестивалот е што сите млади се чувствуваат како членови на семејството Џифони, независно од каде доаѓаат, и дека фестивалските денови се исполнети со радост, уживање и склопување многу нови познанства.
Тема на годинашното издание на „Џифони“ е водата, односно „Аква“ според латинското име. Со тоа фестивалот почнува циклус кој ќе биде посветен на екологијата и човековата околина и во следните две години. По „Аква“ ќе следуваат „Воздух“ и „Земја“. Со таа цел како партнер на фестивалот се вклучува „Пакомак“.

„Најголем поздрав сакам да упатам до младите кои се членови на жирито, бидејќи жирито е срцето на фестивалот Џифони“, рече Пјеро Риналди, кој објасни дека и самиот некогаш бил член на жирито и дека добро знае што значи таа заедница.
Риналди најави дека основачот на „Џифони“, Клаудио Губитози доаѓа на 8 октомври во Македонија заедно со заменик-министерот за култура, со надлежност за кинематографијата на Италија, Лучија Боргонзони.

Италијанскиот амбасадор во Република Македонија, Карло Ромео, присутните ги поздрави на македонски, англиски и италијански јазик.

„Повторно сме тука да го одбележиме и шестото издание на филмскиот фестивал ’Џифони Македонија‘ како дел од големото семејство на ’Џифони Експириенс‘. Особено ни е мило што гледаме како ’Џифони Македонија‘ расте од година во година и станува важен дел од семејството ’Џифони‘ на светско ниво. Исто така, ’Џифони Македонија‘ е конкретен пример за силните релации меѓу Италија и Македонија, потврдувајќи ги специфичните чувства помеѓу двата народи и придонесувајќи во засилувањето на културните релации меѓу двете држави“, рече Карло Ромео.

Шестото издание на „Џифони Македонија“ беше отворено со италијанскиот филм „По трагите на мојот татко“ (La pelle dell’orso) на режисерот Марко Сегато (Marco Segato).
Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“ се одржува од 6 до 11 октомври 2018 на повеќе локации во Скопје. Програма содржи богата понуда на долгометражни и краткометражни филмови, креативни работилници, мастер класови и низа други креативни и едукативни активности во кои ќе бидат вклучени околу 650 деца и млади на возраст од 10 до 19 години. Освен децата од Македонија, во жирито ќе учествуваат над 50 деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња.
За организацијата и реализацијата на активностите кои се одвиваат за време на фестивалот во Македонија е задолжено Здружението за медиумска писменост „Планет-М“.

Реализацијата на овој фестивал е овозможена со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија, Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за образование и наука, Италијанската Амбасада во Република Македонија, Кинотеката на Република Македонија, Младинскиот културен центар, сите училишта и општини на Град Скопје, како и .голем број спонзори.