Отворено писмо до мојата бивша жена: Мислев дека си најубавото нешто на овој свет!

Ентони Д’Амбрози од Њу Џерси одлучил да го сподели со светот тоа што многумина мажи го кријат. Ова е неговото отворено писмо до својата бивша жена кое го споделил на својот блог.

„Никогаш не верував дека јас и ти, од сите луѓе на светов, ќе пројдеме низ нешто ужасно.

Со години создававме најубави спомени. Заедно се качувавме кон врвот, заедно се лизгавме и заедно паѓавме пред да стигнеме до него. И иако можеби и јас придонесов за тој пад, се потрудив да исправам се.

Срцето ми се скрши на милион парчиња. По некое време сфатив дека не можам да не’ спасам. Не можев да го избришам тоа што беше сторено и те пуштив да си ја пронајдеш својата вистинска среќа.

Се што некогаш сум посакувал е складно семејство. Секој ден сонував дека ќе се заљубам во жена, ќе се оженам, ќе купам прекрасна куќа и дека ќе си создадеме сопствено семејство.

Ти ми помогна во остварувањето на поголемиот дел од тие соништа. Се што сакав е да бидам добар маж, романтичен љубовник и еден ден да бидам и најдобриот татко на светот.

Нашата врска не беше совршена, но многу те сакав. Се што сакав да направам не можев да го замислам без тебе. Се држевме за раце, се смеевме, плачевме, бевме деца кои сонуваат. Но, еден ден, сето тоа заврши.

Тебе веќе те немаше.

Одеднаш се што беше поврзано со животот ми беше туѓо. Бев изгубен без тебе. Се што ми остана беа моите сеќавања и соништа за кои сега знаев дека никогаш нема да се остварат.

А постојат неколку работи кои никогаш не ти ги кажав.

Секој пат кога ќе ти се јавев, се радував на твоето кревање на слушалка, на твојот глас. И тоа никогаш не се промени.

Се сеќаваш ли на сите оние пати кога ми се дереше затоа што гледам во тебе? Гледав во тебе затоа што за мене ти беше нешто најубаво на овој свет. Не ми беше важно што носиш, ниту дали имаш шминка на себе. Ја сакав твојата насмевка, ги сакав сите твои маани.

Никогаш нема да го заборавам тоа лето кога ти се јавив, ти реков да се подготвиш и да дојдеш на вечера. Беше спонтано. Сакав да те прашам дали сакаш да го поминеш остатокот од твојот живот со мене и не можев повеќе да чекам.

Твојот прстен три седмици го криев во мојата соба. И секој пат кога ќе го погледнев него, се сеќавав и на март 2004 година, кога првиот пат те забележав и сакав да бидеш моја. Мислев на тоа колку сме детинасти и како немаме ништо друго освен тоа што се имаме еден со друг. Мислев на нашите заеднички соништа и за тоа како сум подготвен да го поминам остатокот од животот со тебе.  Ти бев благодарен што ми помогна да станам посериозен и да станам човек.

Никогаш нема да го заборавам моментот кога рече: „ДА.“ Тоа беше еден од најубавите моменти во мојот живот. Кога ти го ставив прстенот на рака, бев сигурен дека нема никогаш да го извадиш.

Продолжува на следната страна...

А нашата свадба, 10 јуни 2012 година, беше најубавиот ден во мојот живот. Тогаш имав 27 натежнати години во мојот живот, но во ниту еден момент не сум мислел дека ќе биде толку прекрасно, како што излезе на крајот. Се беше фантастично, но ништо не може да се спореди со чувството на среќа што станав твој сопруг.

А сега, нашиот заеднички свет треба да се распадне.

Мене ништо не ми е поважно од твојата среќа. Нашите животи почнаа да се движат по различни патишта, но нашите заеднички спомени нема никогаш да бидат избришани.

 

А јас? Јас сум среќен. Најдов мир. На работа сум позафатен од било кога, најдов нова страст во пишувањето и повторно го составив животот од милион парчиња. Се уште сонувам да основам семејство. Се уште сонувам да држам свое дете во рацете. Секако и понатаму сонувам да се заљубам и да ја најдам својата права среќа.

Јас сум истиот стар Ентони, но многу поинаков.

Навистина сум разочаран што не го завршивме пишувањето на нашата приказна со „живееја среќно до крајот на животот“, но не сум бесен. Никогаш нема да те мразам. Бог ми ја даде оваа прекрасна способност да љубам. Тоа ме однесе на прекрасни места, ме научи на многу нешта и ми даде спомени кои вечно ќе ги помнам. Како би можел да се лутам заради тоа?

Што се однесува до твоите родители, сестри, дедо и баба, тетки, вујковци и стриковци – кажи им дека секогаш сум ги сакал како да се мои и дека ми е жал ако не живеев онака како што сакаа. Знам колку те сакаа. Знам каков маж сакаа за тебе, а Бог знае дека јас направи се за да бидам најдобар за тебе.

А тебе ти се извинувам за се што направив, а што те повреди. Јас сакав со тебе да имам среќа до крајот на животот и правев се да ти биде што поубаво со мене.

Но, тоа не беше доволно.

Да го знаев тогаш тоа што сега го знам, ќе те држев поцврсто за време на нашиот прв танц и ќе изберев песна која не завршува.

Јас не сум совршен и никогаш не сакав тоа да го мислат луѓето. Правев грешки. Правев работи на кои не сум горд и носев одлуки кои не можам да ги променам. Но, сакав некого со секоја коска во моето тело, со секое отчукување на моето срце и со секој милиметар од мојата душа.

Тоа што те изгубив тебе е најболното искуство во мојот живот, но ме направи појак од тоа што бев. Животот ми стана многу пореален.

На хартија изгубив сопруга, но всушност изгубив нешто многу повеќе.

Изгубив дел од себе кој никогаш нема да се врати. Чувај го добро.

Се најдобро,

Ентони