Отворени Центар за поддршка на лица со дијабетес и Центар за лица со церебрална парализа - за Ѓорѓиевски се „центри на надеж, хуманост и поддршка“

Денес ги отвораме Центарот за поддршка на лица со дијабетес и Центарот за лица со церебрална парализа - две значајни простори кои ќе значат директна помош, советување, едукација, дружење, психо-социјална поддршка и секојдневна грижа за оние на кои тоа им е најпотребно, информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.

Овие центри за него претставуваат нови места на надеж - места каде што секој човек треба да се почувствува прифатен, разбран, почитуван и никогаш оставен сам.

„Како Град Скопје, наша најголема обврска е да бидеме блиску до луѓето. Да ги слушаме нивните потреби. Да ги разбираме нивните борби. Да создаваме решенија кои не остануваат само на хартија, туку носат вистинска промена во секојдневието. Мојата поддршка за овие лица не започнува денес. И претходно, заедно со мојот кабинет, со сопствени средства финансиравме клупче кое беше мало по форма, но големо по значење - каде што лицата со церебрална парализа имаа свој простор, свој агол, свое место за средба, разговор и човечка топлина. Затоа денешниот ден за мене има посебна тежина. Затоа што секој чекор, секој гест, секоја поддршка за овие наши сограѓани е порака дека тие не се сами. Дека нивните семејства не се сами. Дека Скопје има срце, има душа и има должност да се грижи“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Тој упати благодарност до сите кои беа дел од оваа иницијатива - до заменик-министерот Ѓоко Велковски, до градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, до здруженијата, граѓанскиот сектор и сите луѓе кои со искрена посветеност помогнаа ова да стане реалност.

Најголема благодарност упати до госпоѓа Рози Мицкоска, за која вели дека иако е скромна и не сака да го истакнува тоа, токму таа го опремила овој простор и дала огромен личен придонес денес овие центри да изгледаат достоинствено, топло и човечки.

„Кога има искрена волја, кога има љубов кон луѓето и кога има разбирање за туѓата болка, резултатите се видливи. Лицата со дијабетес, лицата со церебрална парализа и нивните семејства заслужуваат системска, континуирана и вистинска поддршка“, порача градоначалникот.