Отворена нова сензорна соба во ООУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски објави дека денеска била отворена нова сензорна соба во ООУ „Круме Кепески“.

- Заедно со претставници од Фондацијата „Чекор по чекор“, во овој објект отворивме нова сензорна соба која значително го олеснува и унапредува образовниот процес на учениците со попреченост. Сензорната соба, која е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е со површина од 50 м2. Сместена е во просторија која пред темелното реновирање беше училница која не се користеше, информира градоначалникот.

Кисела Вода сега има сензорни соби во половина од основните училишта на своја територија, но интензивно се работи бројот да се удвои, односно сите училишта да имаат ваква сензорна соба.

- Денес, со овој проект уште еднаш потврдуваме дека инклузијата на лицата со попреченост високо котира на листата на приоритетите на делувањето на нашата општина. Годината ја започнавме со отворање на првата инклузивна градинка во Скопје која е лоцирана во Усје, мината година отворивме сензорни соби во две други училишта, а од денес и 21 ученик со попречност од ова училиште добива просторија која е уредена со рехабилитациско-рекреациска опрема и мноштво дидактички материјали и сензорни елементи. Во таа насока, сакам да се заблагодарам на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија, на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, на Советот на родители од ова училиште, како и на повеќе компании кои преку својата општествена одговорност дадоа свој влог во креирањето на подобра иднина за овие лица, напиша Ѓорѓиевски.