Отворена „мини општина“ во Волково

Денеска во населеното место Волково беше промовирана истурената канцеларија на општина Ѓорче Петров, во која граѓаните од околните места, ќе може да поднесуваат барања, предлози и идеи, нешто за кое досега требаше да се обраќаат во седиштето на општината.

Целта е да им се излезе во пресрет на граѓаните кои не се во можност да дојдат во општинските простории, истакна градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кој учествуваше на отворањето на канцеларијата.

„Имајќи ги предвид горливите проблеми со кои се соочува руралниот дел од општината, како што ветивме, денеска ја промовираме истурената канцеларија на Ѓорче Петров во населеното место Волково која ќе ги опфаќа потребите и барањата на граѓаните од Кисела Јабука, Ново Село, Стопански Двор, Никиштани, Кучково, Волково, Орман и Пржина”, рече градоначалникот.

Наумоски истовремено оствари и средба со граѓаните од овој дел на Ѓорче Петров, информираат од општината.

Тие му ги презентирале своите секојдневни проблеми, од повеќе сфери, воглавно инфраструктурни, но и идеи што во иднина би можело да се реализираат.

Во таа насока, градоначалникот истакнал дека секоја идеја ќе биде детално разгледана и им посочил на граѓаните писмено да се обратат токму во новоотворената канцеларија.