Отворена изложбата „Од колекциите на Скопје“

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски вчеравечер /01.12.2015 година, вторник/ во Музејот на Град Скопје, свечено ја отвори изложбата „Од колекциите на Скопје“ - изложба на уметнички дела во сопственост на Град Скопје, културните установи и јавните претпријатија.

- „ОД КОЛЕКЦИИТЕ НА СКОПЈЕ“ претставува селекција на одбрани дела кои што се сопственост на Градот Скопје, на јавните установи од областа на културата, како и на јавните претпријатија основани од Градот Скопје. Составена е од уметнички слики, скулптури, графики, цртежи на автори кои живееле и твореле во Македонија, а секојдневно можат да се видат во нашите службени и работни простории. Дел од уметничките слики, скулптури, графики од колекцијата на уметнички дела кои ги поседува Градот Скопје и неговите јавни установи и претпријатија се создадени од страна на основоположниците на македонската современа уметност, како и од страна на припадници на постарата генерација на ликовни уметници од Македонија. Уметнички дела кои поседуваат и историска и уметничка вредност. Ја инициравме и организиравме оваа изложба со цел да ги претставиме истите во галериски и музејски простор. На овој начин, сакаме да ја потврдиме нивната уметничка и историска вредност. Овие дела, покрај тоа што треба да ги негуваме и чуваме и како естетски творби и како вредно културно-историско наследство, потребно беше да бидат презентирани и обзнаени пред граѓаните на Скопје, стручната јавност и стручните лица од надлежните установи за заштита и промоција на културното наследство и воопшто пред македонската јавност, изјави Градоначалникот Трајановски.

На изложбата ќе бидат презентирани 142 дела кои потекнуваат од уметничките збирки кои се сопственост на Град Скопје, ЈП Комунална хигиена-Скопје, ЈП Водовод и канализација-Скопје, ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“, ЈУ Културно информативен центар, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ и секако ЈУ Музеј на град Скопје.

Изложбата се организира под покровителство на Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а реализатор на изложбата е ЈУ Музеј на град Скопје.

Изложбата ќе биде поставена до 15 декември, а за неа е одпечатен и репрезентативен каталог.