Отворена хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија

Здравјето на граѓаните е најважно, изјави премиерот Димитар Ковачевски, при денешното отворање на хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Кардиохирурзите започнаа да работат во хибридна операциона сала, која е прва ваква сала во државата. 

-Денеска правиме еден голем успешен исчекор во следење на современите медицински трендови, што само говори за нашата сериозност како Влада, дека во наш фокус е зајакнување на јавното здравство, инвестирање во човечки ресурси, модернизирање на болниците, посочи премиерот.

Во центарот на здравствените реформи, нагласи тој, секако, се пациентите, „тие заслужуваат најдобар, најсовремен, болнички третман, навремено лекување и рана дијагностика“.

- Јас утрово го посетив пациентот на кој вчера му беа извршени интервенции во хибридната сала и тој се чувствува добро, набрзо ќе замине дома и многу скоро ќе се врати на неговото секојдневие, информираше Ковачевски.

Тој потсети дека хибридната операциона сала овозможува хирургија со малку компликации, брз опоравок, кратка рехабилитација, таканаречена минимално инвазивна хирургија. Ваквите процедури, додаде, покрај медицинската оправданост, секогаш се преферираат од страна на пациентот. На тој начин тој побрзо се враќа на секојдневниот живот и истовремено, државата троши помалку средства во неговата рехабилитација. Со оваа хибридна кардио-васкуларна сала, рече, се има можност да се направи многу голем исчекор во следењето на медицинските трендови и медицината базирана на докази, а најголемиот бенефит од овој проект, го имаат пациентите.

-Нивното задоволство е мерило на сѐ она што како Влада, како Министерство за здравство и како Клиника се залагаме да го реализираме. Здравјето на нашите граѓани е најважно, ништо не е повредно од тоа и затоа ништо нема да нѐ поколеба да останеме посветени да овозможиме најсовремени услови за лекување. Тимот на хирурзи, лекари, целокупниот медицински персонал, овде во овој Универзитетски центар - Клиниката за кардиохирургија, досега во многу наврати нѐ направиле горди и среќни со нивната стручна експертиза, посветеност во работата, заштитата на пациентите, грижата за нив, подвлече премиерот.