Отворена е изложбата „Наследството на Мајка Тереза“

„Населедството на Мајка Тереза“ е насловена изложбата на фотографии која е отворена денеска во мултимедијалниот простор на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза по повод чествувањето на 21 година од нејзината смрт.

Изложбата е составена од 29 фотографии, направени при волонтерска работа на Патрисија Морено Руиз-Олалде во центрите на Мисионерки на милосрдието во Калкута, а основани од Мајка Тереза.

Изложбата е „визуелно“ поделена во три дела: првиот дел е посветен на најстарите и смртно болните во Титагар, вториот дел е посветен на најмладите со чисти срца сместени во домот Шишу Баван и третиот дел е посветен на насмевките кои ги инспирираат волонтерите и сестрите Мисионерки на милосрдието.

Патрисија Морено Руиз-Олалде ја посети Спомен куќата во 2016 година и во разговор со кустос Цветанка Вучковска - Митовска одлучи да ги подари на трајно користење фотографиите, со што значајно се збогати архивата на музејот. Нејзината посета во Скопје била случаен избор, но на крај добива големо значење кога таа разбрала дека ова е родниот град на нејзината омилена светица, информираат од НУ Спомен куќа на Мајка Тереза.

По завршувањето на изложбата се одржа презентација за работата на волонтерите од страна на Патрисија Морено Руиз-Олалде. Изложбата ќе биде отворена два месеца.