Отворен пункт за поделба на топол оброк во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“ во село Петровец

Од хуманитарната организација „Свети Спас“ известија дека нивната црковно-народна кујна го отвори својот деветти пункт за поделба на топол оброк, во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“ во село Петровец. 

- Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, нашата црковно-народна кујна го отвори својот деветти пункт за поделба на топол оброк,и тоа во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“ во село Петровец. Со ова богоугодно дело, се проширува мрежата на љубов и милосрдие, преку која Црквата Христова ја покажува својата мајчинска грижа кон сите кои се во потреба, следејќи ја заповедта на нашиот Спасител: „Бев гладен, и Ми дадовте да јадам...“ - споделија од хуманитарната организација. 

- Нашата мисија против гладот не застанува и очекуваме дека наскоро ќе бидеме во можност да ја зголемиме бројката на топли оброци, а да го намалиме бројот на гладните! Бог да ве благослови и награди за вашето човекољубие! - додаваат оттаму заблагодарувајќи се за на сите донатори и хумани луѓе и компании за поддршката.