Отворен е нов дневен центар „Пролет“ за лицата со интелектуална попреченост над 18 години

По повод Светскиот ден за лицата со попреченост, 3-ти декември, Општина Центар и Црвен Крст на Град Скопје го отворија првиот дневен центар „Пролет“, наменет за лицата со интелектуална попреченост над 18 години. Свое обраќање на настанот имаше градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, Град Скопје, Петре Шилегов, секретарот на Црвен Крст на Град Скопје, г-ѓата Сузана Тутева Пауновска и г-ѓата Александра Волкановска.

„Општина Центар во изминатиов период активно работеше во полето на социјалната заштита и инклузивноста како важен фактор за нашите сограѓани коишто се соочуваат со попреченост. Токму заради тоа, со отворањето на првиот дневен центар „Пролет“ во Општина Центар, ќе се овозможи поквалитетен живот на лицата со попречености, притоа, олеснувајќи им го секојдневието на нивните семејства. Додека ние како општина, продолжуваме и понатаму во нашите заложби  да  влијаеме и делуваме за значењето во подигнување на свеста кај граѓаните – еднакви права и можности за секого“ – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Дневниот центар „Пролет“ ќе биде отворен секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот.

Во центарот ќе се одвиваат посебни креативни работилници за социјализација и интеграција на лицата со попречености во нашето општество. Возрасните лица со попреченост ќе бидат менторирани од координатор за програмски активности и социјален работник, но постојано ќе бидат вклучени и волонтерите на Црвен Крст на Град Скопје и општинската организација на Црвен Крст во Центар.  Два пати во неделата ќе биде ангажиран доктор и дефектолог. Од особено значење е понатамошната соработка со Институтот за дефектологија, кадешто студентите ќе имаат можност на постојана пракса во новоотворениот дневен центар „Пролет“за возрасните лица со интелектуална попреченост

„Апелирам до сите општини во градот да го следат примерот на Град Скопје и Општина Центар и колку што можат поактивно да работат на полето на социјалната заштита, за да го направиме Скопје поудобно место за живеење за сите, без исклучоци“ – изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов

Настанат беше завршен со доделување благодарници за „Волонтер на годината“ од сите општински организации, по повод утрешниот ден – Светски ден на волонтеризмот.