Отворен ден во скопската жива грaдска лабораторија (Skuul )

Во Скопската жива градска лабораторија (Skopje Urban Living Lab - SkULL) во Старата скопска чаршија (улица Европска број 11) утре (17.09.2019, вторник) со почеток во 11 часот ќе се одржи отворен ден.

На отворениот ден #2 ќе бидат презентирани можностите за делување што ги отвора постоењето на SkULL и разменети мислења за можните начини на решавање на проблемите и идниот развој со најразличните креативни индустрии. Мислењата и сугестиите, воедно треба да им послужат на институциите во планирањето на идните активности.

Отворениот ден во организација на Град Скопје и Архитектонски факултет Скопје / Faculty of Architecture, UKIM е една од активностите што SkULL, како дел од ROCK проектот, ги организира периодов со цел вклучување на јавноста во искажување на своите мислења за проблемите и состојбите во Старата скопска чаршија, како и за можностите за нивно решавање и ревитализација на овој исклучителен просторен, социјален и мемориски дел на градот.

* ROCK проектот, чиј полн наслов е „Регенерација и оптимизација на културното наследство во градови базирани на креативност и знаење“, е финансиран од Европската Унија во рамките на програмата Хоризонт 2020 и во неговата реализација учествуваат Градот Скопје и Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.