Отворањето на границата ќе го заживее Дебар

Жителите од двете страни на македонско-албанската границата, но и сопствениците на објекти од трговска, угостителска и другата услужна дејност, со нетрпение ја очекуваат одлуката на Владата на Северна Македонија за отворање на границата, откако од 1 јуни тоа го направи Владата на Република Албанија.

Со отворањето на границата дебрани очекуваат повторно да заживеат трговската и другата услужна дејност, зашто жителите од пограничните албански села, како и Македонците во областа Голо Брдо, поради близината тука редовно доаѓаат на шопинг, разубавување, релаксација но и за работа.

– Отворањето на границата секако ќе придонесе повторно да заживее трговијата и услужната дејност во градот. Проценка е дека дури половина од прометот го прават токму албанските граѓани од пограничниот појас, а тука доаѓаат и за стоматолошка и друга здравствена услуга, на фризер, бербер, поправка на автомобили, набавка на гориво. Не се ретки и оние што поради близината во угостителските објекти
доаѓаат и за ручек или вечера со свои пријатели, па дури и на прошетка и на едно кафе, велат од регионалната стопанска комора.

Тоа го потврдуваат и сопствениците на бизниси, кои поради неработењето во изминатиот период поради пандемијата со КОВИД-19 претрпеа голема загуба.

На секојдневен шопинг во Дебар, каде што набавуваат сè, па дури и лекови, семенски материјал и препарати за земјоделство, освен жителите од Пешкопеја, Булќиза, Маќелари, Поцеста, доаѓаат и Македонците од Голо Брдо, кои припаѓаат кон округот Пешкопеја. Најбројни се секако во саботите, кога е
пазарен ден во Дебар.

Тие, исто така, во Северна Македонија престојуваат и како сезонски работници, посебно во градежништвото, бидејќи се познати мајстори на градба со камен.

– Нам, Македонците од Голо Брдо, кое опфаќа 22 села, многу поблиску ни е да пазаруваме во Дебар, отколку во Булќиза или да речеме Пешкопеја. Со пуштањето на преминот Џепиште – Требиште, пред неколку години, како и асфалтниот пат што нè поврзува, за помалку од половина час, доаѓаме во
Дебар, за разлика од патот до Булќиза или Либражд, кој е макадам и потребно е патување неколку часа. Тука пазаруваме сè што ни е потребно. Нашите жители се познати по мајсторството во градбата со камен, па се многу барани. Сега ќе може повторно егзистенцијата да ја обезбедуваме во Македонија, вели Или Халилај од село Требиште и претседател на огранокот на Македонското друштво „Илинден”