Отворање на изложбата „Радост за цел свет“ во галерија Метаноја

Во галеријата „Метаноја“ денеска ќе биде отворена изложбата „Радост за цел свет“. Изложбата се организира во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и Асоцијација за култура „Икон“.

-Изложбата „Радост за цел свет“ во изложбениот простор на Метаноја е поставена по повод Божиќ, најголемиот христијански празник, раѓањето на Исус Христос. Од изложбата зрачи творечкиот дух, добрата волја и пулсирачка енергија на уметничкото братство кое ги почитува христијанските вредности. Со свои творби се застапени следниве уметници: Томо Шијак, Томе Мишев, Доне Милјановски, Ставре Димитров – Стадим, Данчо Ордев, Страхил Петровски, Гоце Божурски, Јован Шумковски, Симонида Филипова Китановска, Вук Митевски, Мирослава Микица Трујкановиќ, Нове Франговски, Душан Перчинков, Димитар Кочевски, Павле Кузманоски, Петар Попчев, Илија Спасовски – Чендо и Владимир Георгиевски. Тоа се познати македонски сликари од различни генерации - пишува Климе Коробар.

Според рецензентот д-р Коста Милов, Божиќ и божиќните празници се синоним за радост и за светлина.

-Раната црква избрала да го одбележи Христовото раѓање на датум кога се случува астрономското прекршување и од најдолгата ноќ во годината првата зора на утрото најавува сѐ повеќе минути и часови исполнети со дневна светлина. Оттаму и радоста – се работи за архетипска победа на светлината над темнината -вели Милов.