Отворање на изложбата на плакати од европскиот конкурс „Инклузија, не ексклизија“ во рамки на 12. Скопје постер фестивал

Во рамки на програмата на 12. Скопје постер фестивал, вечерва, 18 јуни - вторник, во Галеријата на МКЦ во 20:30 ч. се отвора изложбата на 50 плакати со моќни пораки на тема „Инклузија, не ексклузија“.

Изложбата ќе презентира 50 плакати на студентите по графички дизајн и визуелни комуникации од речиси целиот Европски континент - вклучително и дела на студенти од земјава, кои изразија цврст став за разбивање на стигмите и табуата поврзани со лицата од социјалната маргина, дискриминираните и несоодветно вклучените индивидуи и општествени групи.

Жирито во состав Стефан Бунди(ШВА), Костадин Танчев – Динка (МКД), жири членови од земјава и од дипломатското претставништво на Швајцарија ги избра победниците: Денис Несмејанов (РУС),  Еце Батур (ТУР), Едуардо Рибеиро (ПОР), Лука Прстојевиќ (СРБ), Стефан Симоновски (МКД), Теодора Младеновска (МКД), Клаудиа Заблоцка (ПОЛ) и Џина Парк (ПОЛ).

Пропратна поставка ќе биде изложба на дела на дечиња од Посебното основно училиште „Иднина“, кои цртаа со искористување на различни техники, а со цел подигање на свеста за нивната рамноправна улога во општеството. Делата ќе бидат понудени на продажба во хуманитарни цели токму на отворањето на изложбата, каде донаторите ќе може и да се сретнат со авторите. 

Изложбата, дел од проектот „Инклузија, на ексклузија“, организиран со поддршка од Амбасадата на Швајцарија ќе биде отоворена за посетителите до 24 јуни 2019 година.