Отворање на изложбата „100 години Требениште”

Во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија од утре за посетителите ќе биде отворена интернационалната изложба „100 години Требениште”, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид.

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени златните маски од 6 век пр. н. е. најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија. Ќе бидат прикажани над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло.

По претставувањето во Скопје, изложбата ќе гостува и во Софија и во Белград, а потоа и во Европа. Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј од Белград, Националниот археолошки институт и музеј од Софија и Заводот и музеј од Охрид.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија
Изложбата за посетителите ќе биде отворена од 15 ти март до крајот на август.