Отворање 980 мали бизниси со Програмата за вработување 2018

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и УНДП денеска потпишаа Договор за Годишната програма за вработување 2018, проектирана на 8,3 милиони долари.

Како што беше речено на заедничката прес-конференција во Владата на која присуствуваше и премиерот Зоран Заев, Програмата е дел од Оперативниот план за вработување, а во фокусот се младите и ранливите категории лица.

– Борбата со невработеноста, обезбедувањето квалитетни и одржливи работни места, како и помош за невработените да ги надминат бариерите на пазарот на труд, останува наш заеднички предизвик – истакна премиерот Заев.

Постојаната амбасадорка на ОН во Македонија Лујза Винтон информира дека со Годишната програма е предвидено отворање 980 мали бизниси, од кои 50 на лица со попреченост, како и ангажирање лица во 45 до 50 општини кои ќе им помагаат на деца од предучилишна возраст, лица со попреченост и постари лица.

– Недостатокот на пристојни работни места е клучен предизвик за натамошен развој на Македонија. Загрижува и фактот што скоро 50 отсто од младите постојано си заминуваат од државата, но голем дел ги напуштаат селата, руралните средини. Истовремено растечките приватни бизнис имаат недостиг од обучен кадар – рече Винтон.

Според неа, благодарение на одлучноста на македонската Влада да се справи со невработеноста, за 2018 година се поставени многу поамбициозни цели.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска подвлече дека активните мерки за вработување се прилагодени на потребите на работодавачите, но и на профилот на младите и ранливите групи. Воедно нагласи дека ќе може да ги користат и социјалните претпријатија и граѓанските организации без притоа да има какви било ослободувања од здравствено и социјално осигурување.

Како што истакна директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, сите невработени лица имаат еднаков пристап до мерките и Програмата за вработување предвидени со Оперативниот план иако на младите им се дава предност и тие треба да бидат застапени со најмалку 30 отсто.

Оперативниот план е донесен во март годинава по што беше и јавно објавен. Интересот за мерките е голем, особено, според директорката, за субвенциите за вработување проектирани на 19.000 денари по лице, кои се исплаќаат однапред.