Отстранети околу 68 кубни метри неправилно одложен отпад од две диви депонии во општина Бутел

Големата пролетна работна акција на Градот Скопје и на јавните градски претпријатија успешно се спроведува на подрачјето на општината Бутел.

Во рамките на акцијата за пролетно генерално чистење на општината Бутел, екипите на ЈП Комунална хигиена отстранија околу 68 кубни метри неправилно одложен отпад од две диви депонии лоцирани во близина на Градските гробишта и на булеварот Христијан Тодоровски Карпош.

Во специјалните садови, што се поставени на четири локации во оваа општина, досега се одложени вкупно 50 кубни метри кабаст отпад.

ЈП Комунална хигиена секојдневно реализира и активности за миење и дезинфекција на контејнерите и на нивните микролокации, како и рачно и машинско метење и миење на булеварите и на улиците во општина Бутел.

Екипите на ЈП Улици и патишта Скопје на улицата Александар Урдаревски  ги санираа оштетувањата во асфалтот со вкупна  површина од 15 квадратни метри, како и оштетените бекатон плочи на тротоарите со површина од 10 квадратни метри.

Извршија  контрола на вертикалната сигнализација и ги  заменија oштетените сообраќајни знаци со нови на булевар Словенија и на улицата Александар Урдаревски.

При обиколката на светлосната сигнализација на семафоризираните крстосници во општина Бутел санирани се и оштетените сенила на возачките и пешачки латерни на семафорите на крстосницата на  булевар Словенија со булевар Босна и Херцеговина, односно се заменети со нови.

Екипите на ЈП Водовод и канализација во текот на работните активности за имплементација на пролетната акција во општина Бутел работеа на  улицата Бутелска каде што е извршена контрола на 18 шахти,  од кои рачно се исчистени 3  шахти, 49 сливници,  како и миење  на канализациона линија  од 250 метри  со цистерна со вакуум  и прочистување на 540 метри  со цистерна под притисок.

ЈП Паркови и зеленило во рамките на акцијата за средување на јавните зелени површини во општина Бутел, извршија косење на тревната површина по должината на страничното зеленило и средишната жардиниера на булевар Босна и Херцеговина, како и кроење на грмушки, собирање на хартија и отпадоци од тревниците. Екипите од Секторот Дрвореди постапија по четири Решенија за кастрење на дрвја,односно искастрија вкупно 23 дрвја на  улиците  Хо Ши Мин, Гоце Стојчевски,  Ѓоре Ѓоревски и Груица Војвода.

Заловувачките тимови на ЈП Лајка во текот на изминативе денови заловија 9 кучиња на седум локации во општината Бутел.

Пролетната акција во општина Бутел почна  на 26 април и ќе трае до 1 мај, а потоа екипите на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во наредна скопска општина предвидена по планот за пролетната акција.