Отстранет наплатниот пункт: Што се случува на паркингот кај “Холидеј ин”?

Бараката на паркингот спроти “Холидеј ин”, која служеше како наплатен пункт за паркингот, вчера беше отстранета. Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП), кое стопанисува со паркингот, велат дека отстранувањето е во согласност со решението за уривање издадено од Општина Центар, пренесува Вечер.

Од станбеното претпријатие велат дека на дел од паркингот е веќе оформена урбанистичка парцела, бидејќи дел од сопствениците кои ги добиле парцелите по пат на денационализација ги продале.

– Дел од сопствениците, кои со постапката на денационализација се стекнаа со парцели на дел од просторот на паркингот, истите ги отуѓија на приватен инвеститор кој согласно Законот за градежно земјиште извршил дооформување на целокупната урбанистичка парцела согласно важечкиот Детален урбанистички план, велат од АДСДП.

Од денешната постапка на уривање, која беше направена со кран, се збунети и граѓаните кои таму редовно се паркираат, дел од нив плаќаат и месечна карта која чини 1.770 денари. Па денеска и тие останаа подзинати бидејќи немаше кој да прашаат дали сега не им важи веќе платената месечна карта.

Овој паркинг важеше за еден од најатрактивните бидејќи е во строг центар само со рампа и саат чинеше 30 денари првиот час, секој нареден по 20.