Отпочнува реконструкцијата на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“

Од Град Скопје информираа дека започнува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Општина Бутел – реконструкцијата на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“, со што се исполнува долгогодишно барање на жителите од овој дел на Скопје.

Проектот опфаќа реконструкција на повеќе од 2,2 километри улици, изградба на нов асфалтен коловоз, како и обнова на речиси 4 километри тротоари, со што значително ќе се подобрат условите за безбедно и непречено движење на пешаците, возачите и сите учесници во сообраќајот.

Од таму посочуваат дека особено значаен сегмент од инвестицијата е изградбата на нова атмосферска канализација во должина од 1.200 метри, како и одвојувањето на фекалната од атмосферската канализациска мрежа. 

Паралелно со овој проект, како што додаваат, во завршна фаза била и изградбата на новиот мега-парк во Бутел, кој ќе претставува ново зелено и рекреативно катче за граѓаните.

„Со реализацијата на овие проекти продолжува инвестирањето во современа комунална инфраструктура, побезбедни сообраќајници и подобар квалитет на живот за жителите на Бутел и на Скопје“, нагласија од Град Скопје.