Отпочната темелна реконструкција на улица „Загребска“, ќе добие и потпорен ѕид - Ѓорѓиевски: За Карпош имаме сериозни капитални проекти

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека денеска заедно со заменик-градоначалникот на Карпош, Неделчо Крстевски, го означиле почетокот на реконструкцијата на улица „Загребска“, една од важните сообраќајни артерии во Карпош, која секојдневно ја користат илјадници граѓани.

Оваа улица има особено значење не само за жителите на Карпош, туку и за сите кои гравитираат кон овој дел од градот, особено имајќи предвид дека токму тука се наоѓа Институтот за респираторни заболувања кај децата - Козле, посочува Ѓорѓиевски.

Тој додава дека безбеден, функционален и достоинствен пристап до ваква значајна здравствена установа не е луксуз, туку обврска.

„Станува збор за улица која со години беше во исклучително лоша состојба и чија реконструкција одамна беше неопходна. Денес, конечно, започнува со решавање на овој реален проблем кој предолго ги оптоваруваше граѓаните. Со проектот е предвидена целосна санација и уредување на коловозот, со цел да се обезбеди побезбеден, поквалитетен и подолготраен сообраќаен пристап. Дополнително, ќе се изгради и потпорен ѕид во должина од околу 50 метри и висина од околу 4 метри, со што ќе се зајакне стабилноста на теренот, ќе се зголеми безбедноста и ќе се спречат идни оштетувања и ризици на овој потег“, истакна Ѓорѓиевски.

Воедно, тој нагласи дека за Карпош имаат сериозни капитални проекти, притоа споменувајќи го мостот на „Љубљанска“, кој веќе е во напредна фаза.

„Проект кој со години беше закочен и за многумина изгледаше речиси невозможно да биде пуштен во функција, денес е одблокиран и се реализира со засилена динамика. Веднаш по преземањето на функцијата, се фативме за работа. Со посветеност, волја и добро менаџирање ја добивме потребната согласност од Конзерваторскиот центар, а денес на терен веќе се градат потпорните ѕидови што е уште еден важен чекор поблиску до финалното пуштање во употреба на мостот и изградбата на улицата која значително ќе го намали сообраќајниот хаос во овој дел од градот“, вели Ѓорѓиевски.

Додаде дека интензивно се работи и на клучката „Момин Поток“.

„И овој проект, кој во минатото беше заглавен поради недостаток на волја и одлучност, денес е одблокиран и се реализира со силно темпо. Се градат три моста, асфалтиран е дел од трасата, а наскоро продолжуваме и со изградба на другиот дел од мостот на Серава, како и со реконструкција на целиот потег“, објаснува Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Скопје најави дека Карпош ќе добие и голем парк од околу 70.000 м², на потегот помеѓу булеварот „Илинден“ и „Љубљанска“.

„Тоа ќе биде ново зелено катче за сите генерации, простор за рекреација, спорт, одмор и дружење. Со овој проект ќе го вратиме животот во еден заборавен дел од градското ткиво и ќе создадеме нова вредност за Карпош и за цело Скопје“, порача Ѓорѓиевски.