Отпочната реконструкцијата на улицата „519“ во Керамидница

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека денеска започнале градежните активности за реконструкција на улицата „519“ во населбата Керамидница - оценувајќи ја како проект кој носи значајно подобрување на патната инфраструктура и условите за секојдневно движење на жителите.

„Улицата 519 претставува една од клучните сообраќајни артерии во Керамидница и нејзината реконструкција е од особено значење за подобрување на безбедноста, пристапноста и квалитетот на сообраќајот во населбата. Ова е реализација на долгогодишно барање на жителите на Керамидница, кои со години очекуваат уредување и подобрување на оваа значајна сообраќајница“, истакна Стефковски.

Со реконструкцијата се опфатени вкупно 1.294 метри од улицата. Вредноста на проектот изнесува 21.194.404 денари, а средствата се обезбедени преку вториот јавен повик на Владата.

„Со почетокот на градежните активности покажуваме дека инвестициите во патната инфраструктура продолжуваат со засилено темпо и дека се работи на решавање на реалните потреби на граѓаните. Инвестираме во подобри услови за живот во сите населени места, затоа што секоја населба заслужува современа, безбедна и функционална инфраструктура“, порача градоначалникот.