
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска сподели дека денеска во Драчево започнале со изградба на нова водоводна мрежа во должина од 310 метри на улицата „Речиште 1“.
„Со овој зафат решаваме еден горлив проблем, бидејќи недостигот на основна водоводна инфраструктура не смее да биде дел од денешницата. Семејствата од овој дел на општината добиваат соодветен пристап до вода за пиење и сигурно, стандардизирано водоснабдување“, истакна градоначалничката.
Нагласи дека Општина Кисела Вода во целост ја финансира реализацијата на овој проект и дополнително ги покрива трошоците за изведба на новите приклучоци за водомери.
„Ова ја потврдува нашата стратешка определба: континуирано инвестирање во реални решенија кои суштински го унапредуваат секојдневието на граѓаните“, посочи Стаменкоска Трајкоска.