
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска денеска информираше дека отпочнала целосната реконструкција на улицата „Лазар Димитров“.
„Овој важен проект за нашата општина се реализира во успешна соработка со Министерството за транспорт и врски. Во моментов градежната оператива интензивно работи на првата третина, односно на потег од околу 250 метри“ истакна градоначалничката во објавата на Фејсбук.
Целата улица е со должина од 800 метри и просечна широчина од 3.2 метри. На оваа површина од вкупно 2.540 квадратни метри ќе бидат вградени околу 430 тони нов асфалт.
Изведбата на терен ги вклучува неопходните позиции како машинско стругање на стариот асфалт, делумен ископ и санација со тампон на најоштетените делови, нивелирање на постоечките шахти и сливници, како и прскање со битуменска емулзија пред поставувањето на новиот квалитетен асфалтен слој.
„Средувањето на патната инфраструктура останува наш врвен приоритет. Реконструкцијата на целата улица „Лазар Димитров“ е доказ дека со посветена работа и одлична меѓуинституционална соработка нудиме трајни и квалитетни решенија. Граѓаните заслужуваат модерни и безбедни улици“, посочи Стаменкоска Трајкоска.