Отиде реата во Дрисла, никнува рециклажен центар во Карпош

Селекција на отпадот ќе се врши во Рециклажниот центар на ЈП “Комунална хигиена” кој е лоциран во близина на спортската сала “Борис Трајковски” во Карпош.

Центарот кој пред три дена беше огромна депонија од каде се ширеше неподнослива реа на која реагираа од угостителските објекти кои се во непосредна близина, ќе функционира во иднина по сите европски стандарди, најавија градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и директорот на ЈП “Комунална хигиена”, Абдусамед Шабани.

– На ова место кое требаше да биде рециклажен центар на Градот, всушност се направила дива депонија со над 1.200 кубици на смет, преку 300 тони отпад. Овде се местата на кои граѓаните особено од овој дел на Карпош посочуваа дека во текот на зимата се палат и огнови и сето тоа придонесуваше за загадувањето на воздухот. Ова е местото кое заедно со Момин поток беше снимано со дрон од граѓаните. Од денеска на оваа локација наместо дива депонија имаме рециклажен двор – рече Шилегов.

Во Центарот прво ќе се врши селекција на отпадот на дневна основа (400 до 500 тони) и она што може да биде употребено од отпадот ќе се врати во процесите на преработка, а остатокот како смет ќе се депонира во Дрисла.

– Пластиката не би требало да ја депонираме, пластиката можеме да ја употребуваме на многу поинаков начин. Очекувам дека овде конечно ќе заживее Рециклажниот центар и со тоа ќе придонесеме и среднорочно и долгорочно градот да има здрава околина – нагласи Шилегов.

Тој истакна дека Град Скопје работи на решавање на проблемот со загадувањето и во летниот период кога никој не ги чувствува последиците од загадениот воздух во Скопје.

– Еден по еден ги елиминираме причинителите за загадувањето во градот. На оваа локација повеќе нема дива депонија. Град Скопје преку ЈП “Комунална хигиена” ја расчисти дивата депонија која подолг временски период беше една од причините за загадувањето во овој дел од градот. Во континуитет работиме на отстранување на причинителите за загадување на воздухот во Скопје – изјави Шилегов.

Тој нагласи дека долги години во Скопје не е работено на ништо, и дека новите градски власти сега се обидуваат дел по дел да ги отстрануваат проблемите.

– Во текот на оваа година сериозно ќе ја подобриме инфраструктурата на градот и на ЈП “Комунална хигиена” во смисла на контејнери во кои граѓаните ќе можат да го селектираат отпадот. Сите сме дел од проблемот кога е загадувањето во прашање и мора да бидеме дел од решението – рече Шилегов.