Отец Оливер Петровски предупредува: Во Драчево оперира сатанистичка секта

Здружението за заштита на животните Анима мунди вчера испрати соопштение во кое информираше за ритуално раскинатото маче ставено сред испишани симболи и сатанистички пораки во населбата Драчево. На црквата во Драчево имало и испишани сатанистички симболи, пентаграм и пораки, информира Анима мунди. Отецот Оливер Петровски ја потврдува оваа информација.

На ова предупредија и од хуманитарната организација  на скопската православна епархија при МПЦ- ОА „Свети Спас”. „Сѐ посериозни стануваат индициите дека припадници на секта дејствуваат во Драчево“, вели отецот Петровски.

Хуманитарната организација „Свети Спас“ информира дека  пред извесно време  беа осквернети неколку цркви со сатанистички графити.

Анима мунди до медиумите испрати и фотографија. „На фотографијата се гледа како телото на мачето е буквално пресечено на пола – поставено на улица среде сатанистички симболи и латински текст „слава му на сатаната (аd majorem sathanas gloriam )“ и „врати на пеколот, отворете се (zazas, zazas, nasatanada zazas)“. Ваква морбидност досега немаме сретнато и неопходна е итна полициска истрага за да се фати сторителот. Не знаеме дали станува збор за организиран сатанистички ритуал во Скопје или монструозна игра на некој психопат, но што и да е во прашање сторителот мора да се фати и мора да одговара кривично со најстрога затворска казна за изживување и убиство на животно“, велат од здружението.

Отец Петровски вели дека се надевал дека тоа е дело на деца кои воопшто и не знаат што означуваат графитите кои ги цртаат. „Но, во нашата населба Драчево, беше ритуално масакрирано маче. Беа испишани латински зборови со кои се велича нечестивиот и пентаграм. За жал, веќе не мислам дека се работи за деца кои не знаат што прават. Мислам, а се надевам дека грешам, дека ова е дело на некоја група и затоа бараме од надлежните служби сериозно да го разгледаат и расчистат овој случај во најбрз можен рок“, вели отец Оливер Петровски.

За ова се информирани МВР и општина Кисела Вода.

Жители од Драчево посочуваат дека десетици лица се собираат во напуштените гаражи во Драчево и секоја ноќ пуштаат музика со оргули и палат огнови.