Отчет на Смилевски: За една година во Бутел реализирани повеќе од 50 проекти

Реконструирани десетина улици, во тек е изградба на шест пешачки патеки, пуштена во употреба е новата делница од булеварот Х.Т. Карпош, се само дел од проектите кои што ги спомна градоначалникот на Бутел во својот отчет.

Општината Бутел во изминатава година реализирала повеќе од 50 проекти, манифестации или настани од значење за нејзините граѓани. Реконструирани се десетина улици во општината, од нив целосно со три нејзини крака, во вкупна должина од 800 метри,се реновирани Душко Поповиќ, две улици во Радишани, една во Љуботенски Пат и други, посочи градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски на означувањето една година мандат од градоначалничката функција.
Тој додаде и дека во тек е изградбата на шест пешачки патеки, поточно три се веќе готови, со вкупна вредност од 4.300.000 денари.

-Значајно е да ја обележиме соработката со градот Скопје и да нотираме дека ја пуштивме во употреба новата делница на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош (прва фаза). Го почнавме проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина, на потегот од булеварот Словенија до крстосницата со Кемал Сејфула. Исто така, започна изградбата на атмосферската канализација на улицата Александар Урдаревски, на потегот од кружниот тек до семафорот (прва фаза), па до Бутелска (втора фаза), вели Смилевски.

Сите седум основни училишта подготвено ја дочекале новата учебна 2017/2018 година. Истото тоа важи и за градинките, со тоа што во две од нив имало поголеми градежни зафати. Станува збор за седиштето на ЈУ детска градинка „11 Октомври“ и клонот „Ташко Караџа“ во Радишани, во кој темелно беше реновиран одделот за јасли.
За безбедно функционирање на општината Бутел во ноќните часови, поставени се неколку десетици нови електрични столбови и канделабри на повеќе локации. Обновени се светилките во дворовите на сите основни училишта и градинки.

Во текот на изминатата година, покрај тековното одржување, започнати се и две есенски и една пролетна акција за темелно чистење на општината. Се уште е актуелна долгорочната акција за собирање електронски отпад.

Одржани се повеќе културни манифестации како: ликовната колонија „Љубанци 2018“, етноизложбата „Цветници“, ликовната изложба на над 50 дела од ликовните колонии одржани во претходните три години „Љубанци 2015/16/17“, Есенскиот базар, Љубанскиот карневал, првиот фестивал на лубеницата „Љуботен 2018“ и други.

Исто така, одржавме и голем број настани со кои одбележивме значајни датуми, како што се: Светскиот ден на мирот, роденденот на поетот и револуционер Никола Јонков-Вапцаров, Европската недела на спортот, Првата детска олимпијада, а одбележивме и еден поинаков 8 Март, со кој ја нагласивме вистинската грижа за жените. Имено, во рамките на проектот беа направени неколку стотини превентивни прегледи на жените од општината: тумор-маркери, преглед на гради, проверка на шеќер и маснотии во крвта и друго.

Треба да се обележи и проектот со кој се вработија 14 лични асистенти што ќе се грижат за децата со посебни потреби во основните училишта во општината Бутел.
-Сето она што не стигнавме да го направиме во првата, ќе го реализираме во втората година од мојот мандат, вети градоначалникот на Бутел.