Освежување по жештините: Температурите денеска до 33 степени, дожд и грмежи од средината на неделата

По високите температури од изминатите денови, денеска следува благо освежување. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност, а ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.

Утринските температури ќе се движат од 7 до 17 степени, додека дневните ќе бидат во интервал од 25 до 33 степени, што претставува значително намалување во однос на претходните денови.

Во Скопје времето ќе биде претежно сончево со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13 степени, а максималната ќе достигне до 32 степени.

Според најавите на метеоролозите, за време на викендот и во понеделник ќе преовладува претежно сончево време со мала локална облачност.

Промена на временските услови се очекува од вторник, кога локално ќе има врнежи од дожд, додека во среда на повеќе места се прогнозираат поројни врнежи, проследени со повремено засилен ветер и грмежи.

Од четврток повторно се очекува променливо облачно време со сончеви периоди.