Осветување на канбанаријата во црквата „Св.Никола“ во Љубанци

На 21 мај, ден пред св Никола летен, ќе се одржи осветување на канбанаријата во црквата св.Никола во Љубанци и поставување камен темелник на крстилница и трпезарија.

Ова е голем момент за нас и со Божја помош ке биде како што доликува. Само кога сите сплотени ке работиме неизмерно со љубов и почитување на нашата вера и традиција, резултатите ке бидат очигледни, велат гордите Љубанчани кои со заеднички сили доброволно работеа на изградбата на објектите.

Минатата година почнаа активностите за конзервација, реставрација и статично зајакнување на стариот конак на манастирот „Свети Никола“ во скопското село Љубанци. Манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во Љубанци е несомнено едно од најзначајните светилишта на овој простор, кој во минатото го носел епитетот Света Гора.

Селото Љубанци се наоѓа во северозападниот дел на Скопската котлина, на територијата на општината Бутел, чиј атар се издигнува до сртот на планината Скопска Црна Гора.

Селото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старински родови и родови доселени две околни села кои сега не постојат. Од пишаните документи од средновековниот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година година за тогашниот Скопски вилает, селото е запишано како Лубанце и во него живееле вкупно 54 македонски христијански семејства.

За разлика од останатите околни и соседни села, покажуваат документите, во Љубанци и неговото население се одликуваат со висока македонска национална свест, голема приврзаност и свест за припадност кон Македонија, како и изразен македонски патриотизам и преданост на идеалите на ВМРО. Поради овие одлики, жителите на Љубанци од остантите претежно србомански села се нарекувани Бугари. За тоа сведочи и Ѓорче Петров кој запишал дека важно е тоа село во тој однос што од почетокот на црковното прашање, па дури до сега не се откажало од својата тврдост во бугарштината (денес, македонштина) и сите обиди на српските агитатори да се вметнат меѓу селаните наишле на силен отпор, макар што имало многумина од тоа село кои биле видни богаташи во Србија, чии убедувања, исто така, не наоѓале добра почва.

Црквата Свети Никола, според народното предание е градена во исто време кога и познатата Јахја-пашина Џамија во Скопје, бидејќи главната заслуга за изградбата на црквата ја имал еден предок на денешниот род Ниникевци кој добил дозвола за нејзина изградба од самиот Јахја-паша. Црквата била повторно поправена и живописана во 1881 година. Љубанчани ја користат за прослава на селската слава венчавки и крштевки .

Љубанчани се отворени и весели луѓе познати по гостопримството, па оттука и изреката: „На село, на гости, на тевна ќотек“. За оваа прилика ги канат сите добронамерници на овој свечен чин за нив.