Осумте банки заинтересирани за соработка со Пошта

До крајот на месецот банките кои изразија интерес да го вршат платниот промет во единиците на Пошта треба да одговорат на писмото што го испрати Пошта до нив за условите што ги нудат, по што процесот ќе продолжи со состаноци меѓу двете страни и избор на оној што ќе го преземе платниот промет во поштенските единици што претходно го имаше Еуростандард банка.

Интерес за склучување договор со Пошта пројавија осум банки. Меѓу нив, НЛБ Банка официјално соопшти дека пројавила интерес за соработка, а  од оние банки што ги контактираше МИА интерес пројавила и ТТК банка.

Од вклучените во процесот наведуваат дека при изборот на банката што ќе го склучи договорот е компатибилноста на софтверот што го воспоставила Еуростандард банка во поштенските единици, за да не се губи време во нова обука на вработените.

Условите што ги нудат банките, до Пошта треба да ги достават до 30-ти септември.

Првиот човек на НЛБ Банка, Антонио Аргир минатата недела во изјава за медиуми изрази надеж дека недостатокот на услуги што ги даваше „Пошта“ наскоро ќе се надомести.

– „Пошта“ има започнато процес на преговори со банките. На нивно барање преку Македонската банкарска асоцијација, повеќе банки, меѓу кои и ние како НЛБ Банка, пројавија интерес за продолжување на активностите за соработка со „Пошта“, изјави Аргир по потпишувањето на договор со ЕБОР за две кредити линии.

Од ТТК банка за МИА потврдија дека изразиле начелен интерес за соработка со Пошта.

–По примен допис за иницирање на постапка за започнување на преговори со деловна банка за склучување договор за деловна соработка во делот на платниот промет ТТК БАНКА АД Скопје изрази начелен интерес за разгледување на аспектите и условите на можната соработка. Во моментов се очекуваат дополнителни информации за понатамошното одвивање на постапката, наведуваат од банката.

Платниот промет во Пошта до 12 август го вршеше Еуростандард банка, на која Нароната банка и ја одзеде дозволата за работа. По овој период престана да се врши платниот промет во поштенските единици, а на прес-конференција вработените претставени од синдикатот побараа решение на проблемот.

-Стечајот на Еуростандард банка сериозно го наруши работењето на Македонска пошта. Генерира на дневна основа сериозни загуби на финансиското работење со оневозможување на услугата во платниот
промет во над 330 – те поштенски единици на територијата на целата држава.  Дополнитело, и прекинот на услугите во меѓународниот сообраќај и намалувањето на приходите во внатрешниот пазар изминатите шест месеци како последица од коронавирусот кај нас од 2300 вработени влева сериозна загриженост и страв за иднината на компанијата, редовна исплата на плати и зачувување на своите работни
места, посочија од синдикатот.

Оценија дека неработењето на 330-те единици на пошта и статус кво состојбата со неработењето на платиот промет претставува директна закана за егзистенцијата на вработените, но и тоа дека неработењето на поштенските филијали има влијание и врз граѓаните кои ги користат услугите.

Писмото за деловна соработка до сите банки АД „Пошта“ го достави на 4-ти овој месец, по што банките имаа рок од три дена да одговорат дали имаат интерес за соработка и потоа да отпочнат преговор.

Писмото следеше откако претходниот ден Владата даде согласност за отпочнување на постапката за преговори за склучување нов договор за услугите за платен промет.

Платниот промет во поштенските единици престана по пропаѓањена Еуростандард банка, преку која Пошта ги вршеше услугите од платен промет, а создаде проблем и на голем бројкорисници кои ја користеа Поштата за исплата на пензија и социјална помош.