Осумстотини денари од ден: Луксуз е мајка да лежи во болница со дете!

Осумстотини денари од ден се плаќа за мајките или придружниците на децата постари од три години додека лежат во болница.

-Бев со мојата петгодишна ќерка седум дена во болницата Козле. Престој ме чинеше 7000 денари и плус партиципација од околу 1800 за моето дете. Ние можевме да го платиме лекувањето и престојот, а тие родители кои не можат треб кредит да земат или да се позајмат. Навистина е многу скапо, вели една мајка од Скопје.

Дополнително се плаќа и партиципација за лекувањето, па вкупната сума по престојот во болница за многумина знае да биде многу висока. Оваа законска обврска е голем товар за семејствата, кои понекогаш се принудени детето да го остават само во болничката соба бидејќи немаат финансиски средства.

Родителите бараат од здравствените власти промена на политиката на плаќање. Или да го укинат ценовникот или, пак, да ги намалат цените за плаќање на придружба во болница. Велат тие што престојуваат по неколку денови некако ќе се снајдат, но што да прават семејствата ако детето мора да биде на болничко лекување 20 дена?

Уште пред неколку месеци била покрената иницијатива до Министерството за здравсто за промени на Законот за здравствено осигурување со цел да се најде соодветно решение за овој реален проблем на многу родители.

Дополнително, револт за семејствата создава и одлуката дека само мајка, баба или тетка може да биде придуржник во болница. За лекарите тоа било оправдано бидејќи има мајки што ги дојат бебињата и затоа не можело да има и лице од машки пол во болничките соби.